Историјат

   

Со постоењето на ЈП „Паркови и зеленило“ е поврзана едновековна традиција. Првиот градски парк во Скопје е подигнат во далечната 1905 година, по налог на скопскиот валија Афус Мехмед Паша, во времето кога Македонија била под турска власт.

Се протегал на површина од 16.000 м2 и бил уреден со строги геометриски форми со патеки и цветни површини. Се нарекувал „Ислахана“ (Ислаане).

            http://212.13.72.94/Upload/Editor_Uploadimage/slika.jpg  

 

Во периодот од 1923 – 1933 година по заслуга на еден австриски градинар во паркот се воведува барокна парковска архитектура.

Тогаш почнал и развојот на претпријатието кое се менувало и дејствувало преку најразлични облици на организациона поставеност вршејќи ја основната дејност на подигање и оржување на јавното градско зеленило.

Хронолошки претпријатието се менувало низ следните фази:

· 1923 – 1941 година се јавува организирана активност за уредување на зеленилото во Скопје кога се подигнати и првите дрвореди, се проширува Градскиот Парк, се уредуваат скверови, се подигнуваат помали парковски површини.

·1945 година по ослободувањето на Скопје е интегриран целиот стручен и творечки потенцијал за обнова на зеленилото во Градот и е формирано тогашното претпријатие „ГРАДИНИ И ПАРКОВИ“ со задача за подигање на зеленило и во приградските и вонградските простори според т.н план за зелен појас во 1951 година.

·  1954 година Собранието на Скопје основа „УПРАВА ЗА ГРАДСКО И ВОНГРАДСКО ЗЕЛЕНИЛО“, период во кој интензивно започнува да се работи на пошумување на парк-шумите Водно и Гази Баба, Француски гробишта и Зајчев Рид.

Подигнат е првиот стакленик со површина од еден хектар – со експанзија и ширењето на парковските површини се зголемила потребата за интензивирање на расадничкото и цветно производство.

                                                             http://212.13.72.94/Upload/Editor_Uploadimage/park1.jpg

 

· 1960 година Управата за градини и вонградско зеленило се трансформира во КОМУНАЛНО ПРОИЗВОДСТВЕНО ПРЕТПРИЈАТИЕ „Паркови и зеленило“ што претставува нов и значаен период во развојот.

· 1963 година после катастрофалниот земјотрес во Скопје, покрај уништувањето на многу објекти се уништи и зеленилото во градот. Тогаш претпријатието добива значајна задача - да го врати зеленилото во животот на Скопје и скопјани.

· 1965 година со Урбанистичкиот план за обнова на градот Скопје бил обезбеден голем простор за јавно зеленило. После земјотресот во Скопје започнува интензивна обнова и изградба на разрушениот град. Никнуваат многу нови булевари, населби и улици. Се реконструира градскиот парк, се ревитализира и се уредува во нов пејсажен облик. Во паркот се изградени инфраструктурни објекти – канали, езерца, мостови и систем за автоматско полевање. Тогаш е изграден и забавниот парк.

Брзото темпо на изградбата и создавање на зелени површини императивно ја наметнале потребата за ширење на производствените капацитети за расадничко и цветно производство. Во тој период е подигната стаклена површина од 34.000 м2 кои беа во функција на снабдување на градот и индустриското производство на садници „паперот“ што во еден извесен период ги обезбедувал потребите за садници во целата Република.

· 1970 година КПП „Паркови и зеленило“ се припојува кон претпријатието „Водовод и канализација“ со што се основа ново комунално услужно претпријатие „Комуналец“.

· 1992 година со трансформација на ЈКП „Комуналец“ е организирано како посебно јавно претпријатие.

· 15.10.2001 година на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје извршено е усогласување со Законот за јавни претпријатија чиј основач е Град Скопје.

Oсновната функција на одржување и уредување на јавните зелени површини се извршува во континуитет и ден денес.

 

 

 

 

Copyright © 2016 All rights reserved | Designed by Unet